Ахимса – Неповредување

Ахимса е една од петте јами – морално-етички правила за јогините. Може да се преведе како неповредување, разбирање и сочувство кон себе, другите и сè што се случува во животот. Не само на физичко ниво, туку и на ментално и емотивно ниво. Неповредување во мисла, збор, дело.

Како повредуваме во секојдневниот живот?

Прво мора да научиме, освестиме како нашите суптилни реакции и постапки содржат елементи на насилство. Ова често си го правиме и на самите нас. Кога нашите мисли имаат негативна содржина како разочарување, огорченост или вина, кога чувствуваме срам, суптилно создаваме насилство. Ако не можете да простите некому за нешто што ви сторил, или пак ако самите не можете да си простите за нешто што вие сте сториле е чин на насилство затоа што ја истиснува љубовта. Како мислиме, така делуваме. Себе-обвинувањето не нè прави подобри луѓе. Баш напротив, кога се обвинуваме, следното е чувството на огорченост. Како постапува огорчен човек? – Со насилство.

Контролата врз другите и тоа што ни се случува исто така повредува. Жртвувањето за другите, преземањето премногу одговорности и обврски на свој грб е повредување. Со ова очекуваме животот, светот и сите околу нас да функционираат така како што ние сме замислиле. Контролата во позадина го има стравот дека нешто нема да биде како што јас сакам.

Живеејќи несвесно постојано повредуваме на суптилен начин, но тоа е само одраз на војните кои се случуваат во самите нас. Човекот по природа е добар, не сака да биде лош. Кога ќе го најдеме сопствениот мир, се смируваат и односите со другите луѓе.

Како до ахимса?

Јогата е одличен начин за освојување на ахимса и нејзино применување во нашите секојдневни интеракции. Нашето тело е огромна архива на концепти и емоции и со вежбите и техниките ги освестуваме и го отвораме патот за нивна трансформација. Ослободувајќи ги негативните мисли и емоции создаваме мир во себе и светот околу нас.

Додека вежбате јога, додека се прилагодувате на вашето тело, кога наидувате на отпори следете како се формираат вашите мисли. Освестете дали мислите содржат насилство врз себе или другите. Освестете како реагирате на тоа што ви се случува. Дали се обвинувате или критикувате, дали се споредувате, дали ви се јавува завист…

Во секојдневието, освестувајте како реагирате на тоа што се случува околу вас, како реагирате на другите луѓе и какви уверувања имате за себе и другите.

Секој носи болка во себе, но може да ја надмине практикувајќи ахимса. Треба да научиме овие негативни чувства да ги доживуваме без да реагираме негативно на нив. Со прифаќање, со неутрализирање на тоа што се случува и со нивно ослободување. На тој начин се ослободуваме и себеси од сопственото насилство, ги ослободуваме и другите.

 

Тахикардија и јога

Несоодветна синусна тахикардија е невообичаена форма на атријална тахикардија. Терминот “несоодветна” во медицината обично се дефинира како срцев ритам поголем од 100 отчукувања во минута при мирување или при минимален физички предизвик.

Јогата е широко применета во целиот свет како алтернативен пристап во лекување на бројни хронични болести. Спроведени се студии во различни земји за да се утврдат придобивките од jогата како терапија за овие хронични заболувања. Неколку студии потврдија дека јогата може да ја намали вознемиреноста и да го регулира стресот.

Во студијата под наслов „Влијанието на јогата врз аритмиското оптоварување и квалитетот на животот (QoL) кај пациенти со симптоматска пароксизмална атријална фибрилација: Студијата јога за моето срце“, прикажани се ефектите од јогата врз скоро 50 пациенти со атријална фибрилација следени во текот на шест месеци. Резултатите од оваа студија покажаа дека јогата не само што помага значително да се намали бројот на епизоди на неправилно чукање на срцето, оваа практика исто така значително ја подобрува состојбата на депресија, вознемиреност и квалитетот на живот кај учесниците во студијата.

Треба да се има предвид дека, ако јогата се практикува на премногу стимулативен начин, на пример, движење низ брза серија на положби што го зголемува ритамот на срцето или подолго останување во положбите (5-10 минути), ваквиот начин може да предизвика тахикардија кај практикант кој е подложен на тоа. Затоа, многу е важен изборот на вистински положби и техники за практикантите кои страдаат од тахикардија. Треба да се избегнат дури и одредени техники за дишење кои го стимулираат симпатичкиот нервен систем како што се подолги вдишувања во однос на должината на издишувањето, со задржување на воздухот по вдишувањето.

Балансирана јога практика со асани – положби, техники за дишење за релаксација, свесно опуштање и медитација е начинот на кој може да си помогнете доколку имате тенденција да развивате абнормално брз срцев ритам.

АСАНИ

Paschimottanasana – положба на штипалка

Бенефити: Го смирува симпатичкиот нервен систем, го смирува срцето, го нормализира крвниот притисок и пулсот, го подобрува помнењето, отстранува хронични главоболки, мигрена и заморот на очите, ја ублажува згрченоста во грлото и дијафрагмата последица од стрес, ја подобрува циркулацијата на крвта во карлицата, го регулира дотокот на крв во ендокрините жлезди, ги активира надбубрежните жлезди и ја балансира тироидната жлезда, ја намалува температурата на кожата, ги зајакнува вертебралните зглобови и ги истегнува лигаментите на ʹрбетот

ТЕХНИКИ ЗА ДИШЕЊЕ

Jalandhara banda

Притисокот со брадата го затвора дишникот и врши притисок на различни органи, вклучувајќи ги тука и синусните рецептори кои се наоѓаат во пределот на грлото. Овие рецептори се чувствителни на крвниот притисок во каротидните артерии кои го снабдуваат мозокот со крв. Ако притисокот е висок, рецепторите испраѓаат порака во мозокот и срцето ја успорува својата работа. Ако притисокот е низок, тогаш срцето се забрзува на истиот начин. Рецепторите се осетливи на притисок и затоа притисокот што го примаат за време на џаландара банда ја успорува работата на срцето и му донесува мир на умот.

Извор:

Impact of yoga on arrhythmia burden and quality of life (QoL) in patients with symptomatic paroxysmal atrial fibrillation: The Yoga my Heart Study

A Systematic Course in the Ancient Tantric Techniques of Yoga and Kriya, Swami Satyananda Saraswati

YOGA, The Path to Holistic Health, B.K.S Iyengar

 

Текстовите објавени на оваа страница се од информативен карактер. Информациите во овој текст немаат цел да заменат професионален медицински совет. Доколку имате здравствени проблеми Ве советуваме да побарате медицински совет кај професионално лице.

 

Хомеопатија едноставно објаснета

Хомеопатијата е ефективен и научен систем на исцелување, кој му помага на природното тежнеење на организмот да се излекува самиот себе. Хомеопатијата е метод кој го почитува принципот дека сите симптоми на болест се манифестација на дисхармонија на личноста во целост и дека пациентот е тој на кој му е потребна терапија, а не неговата болест.

Сите симптоми на болест се манифестација на дисхармонија на личноста во целост. Поради ова, пациентот е тој на кој му треба терапија, а не неготава болест.

Татко на хомеопатијата е германскиот доктор на медицина д-р Самуел Ханеман. Зборот хомеопатија е кованица од грчките зборови homeos – сличен и phatos – болест, патење. Од оваа кованица произлегува и основниот принцип на хомеопатијата дека слично со слично се лекува. Или подобро објаснето, ако патите од несоница поради голема возбуда, ќе земете Cofea toasta (кофеин) кој примен во поголеми дози ги предизвикува истите симптоми. Исто така, во хомеопатијата покрај принципот на сличност, се почитува и принципот на минимални дози. Значи, хомеопатските препарати доаѓаат во повеќекратни разредувања и нема јачина на хомеопатските препарати. Разликата во разредувањата е што помалите разредувања имаат полокално дејство (делуваат на ринореата и кија вицата на пр.), додека пак повисоките делуваат посистематски (целосно на сите симптоми на поленска грозница).

Слично со слично се лекува.

Хомеопатските препарати можат да бидат од растително, животинско и минерално потекло, а ефектот на нивното дејство се состои во тоа што ги стимулираат механизмите на исцелување на самиот организам. На пример, во случајот со несоницата, класичната терапија ќе предизвика вештачки сон кој никогаш не резултира со одмореност, а крајниот ефект од таа терапија е што по подолго користење нема да делува и ќе ви предизвика зависност. Спротивно на неа, со хомеопатијата се воспоставува рамнотежа и при тоа ќе се чувствувате наспано и одморено, а резултатот ќе биде повеќе да не ги користите хомеопатските препарати. Тука е важно да се напомене дека хомеопатксите препарати не се користат доколку нема симптоми.

При издавање на хомеопатската терапија, најголем акцент се става на пациентот како потполна личност, а не како издвоена болест. Поради тоа, во хомеопатијата за едно исто заболување се издаваат различни препарати на различни пациенти. Пример во случај на труење со храна, кај пациентите со поизразени симптоми на повраќање и гадење се издава Nux Vomica, додека кај пациентите со поизразена дијареа Aloe.

Хомеопатијата има цел спектар дејства, како на акутни, така и на хронични заболувања. Всушност нема ограничување во хомеопатската терапија, бидејќи нема несакани ефекти и не создава зависност. И поради тоа се препорачува како терапија на сите потешкотии за време на бременост, кај децата и кај старите и изнемоштени лица.

При издавање на хомеопатската терапија најголем акццент се става на пациентот како потполна личност, а не како издвоена болест.

За да ја примите најсоодветната терапија за вас, потрудете се да бидете што е можно поискрени со вашиот Хомеопат. Кажете му за терапијата што ја користите. И посетете го со желба да оздравите, а не само за да ја тестирате терапијата. Хомеопатијата постои 200 години и според податоците од Светската Здравствена Организација е на второ место по користење од здравствените услуги. На прво место е Кинеската медицина.

Бидете едно со себе, не дозволувајте болеста да ве издвои од животот. Помогнете си да ја воспоставите рамнотежата и здравјето да не ви претставува цел туку состојба.

Текстовите објавени на оваа страница се од информативен карактер. Информациите во овој текст немаат цел да заменат професионален медицински совет. Доколку имате здравствени проблеми Ве советуваме да побарате медицински совет кај професионално лице. Хомеопатските лекови се земаат по препорака на професионален хомеопат, и се издаваат по извршен преглед.

д-р Биљана Ѓуроска