Крија јога

„Кога умот е чист, ослободен од спомени и знаења, нештата ги гледаме такви какви што навистина се.“ Патанџали

Kрија јога е древен интегрален систем на науката за јога, е практична, се заснова на реалноста и одговара на денешниот човек, без разлика на професија, квалификација, раса или религија.

Зборот крија значи „делување со свесност“ т.е. што и да правиме секој процес го набљудуваме, насочуваме, имаме прецизирана цел и ја следиме. Ниту една од нашите автоматски реакции или процеси водени од потсвесното не се крија – што е главна причина зошто таквиот потсвесен начин на делување не нè води до саканата цел. Практикувајќи крија јога го зголемуваме фокусот кој ни помага да останеме сконцентрирани и со јасен ум. Ефектот на крија јога е сеприсутен – како гравитацијата, има ист ефект за сите.

Учењето на Крија јога се заснова на холистички пристап кон човекот – систем од 5 тела (феномени) – и разликува 5 аспекти во човекот:

  • Физички – може да се види, опипа, има пет сетила;
  • Витален – енергија, емоции;
  • Ментален – причинско тело – меморија, мисли, спомени, фантазија, способност за планирање;
  • Интелект – над менталот – увиди, интуиција, инспирација, способност за разликување, осознавање;
  • Духовен – постоење, вистинскиот идентитет, вистинското Јас.

Во нашата програма опфатени се сите овие аспекти со цел нивно балансирање.

„Кога ќе почнете сè повеќе и повеќе да ја применувате способноста за осознавање, малку по малку ќе излегувате од илузијата; ќе ja видите реалноста.“ – Ингвар Вилидо

Неколку лози учења за крија јога потекнуваат од Крија Бабаџи. Истиот Бабаџи за кого Парамханса Јогананда пишува во својата книга „Автобиографија на еден јогин“.

Крија јога во Македонија доаѓа преку учителот Ингвар Вилидо, Ishwarananda, кој припаѓа на Крија Јога редот на Ачарии. Ishwarananda е поврзан со лозата на Бабаџи Крија Јога која до него дошла преку ученикот на С.А.А Јоги Рамаја, Маршал Говиндан, Satchidandanda.

Практикантите кои ќе сакаат да работат подлабоки духовни техники своето знаење ќе имаат можност да го прошират на иницијациите за Бабаџи Крија Јога со учителот  Ингвар Вилидо, Ishwarananda.