Кога одмарам затоа што сум исцрпен, треба да се потсетам дека не го трошам денот залудно. Не избегнувам обврски и не губам време. Го правам токму она што ми е потребно во тој момент – си давам простор да се обновам и да закрепнам.
Колку пати сте си рекле: „Само да дојде викендот, па ќе се одморам“? Или сте се вратиле од годишен одмор со чувство дека ви треба уште неколку дена за да закрепнете од самиот одмор?
Во свет во кој продуктивноста се вреднува повеќе од одморот, а постојаната достапност се смета за нормална, не е чудно што многу луѓе се чувствуваат исцрпени дури и кога имаат доволно време за сон.
Можеби причината лежи во тоа што одморот најчесто го поистоветуваме со неактивноста. Ако не работиме, сметаме дека одмараме. Ако лежиме на плажа или спиеме подолго за време на викендот, веруваме дека сме му дале на организмот сè што му е потребно за обновување. Но човекот е многу повеќе од физичко тело и неговите потреби не завршуваат со неколку дополнителни часа сон.
Во последните години сè повеќе внимание привлекува концептот на седумте вида одмор, развиен од американската лекарка д-р Саундра Далтон-Смит и претставен во публикации на Американската психолошка асоцијација.
Д-р Саундра Далтон-Смит во своето TED предавање од 2021 година ја објаснува важноста на холистичкиот пристап кон одморот:
„Погрешно ги изедначивме поимите сон и одмор и со тоа го поедноставивме одморот до таа мера што почна да изгледа како нешто неефикасно“, објаснува Далтон-Смит. „Резултатот е култура на високо успешни, високо продуктивни, но хронично уморни и прегорени луѓе.“
Во книга „Sacred Rest: Recover Your Life, Renew Your Energy, Restore Your Sanity“ („Свет Одмор: Вратете си го животот, обновете ја својата енергија и повратете го здравиот разум“), д-р Саундра Далтон-Смит (Saundra Dalton-Smith) ја разработува темата на заморот, и ги разгледува предизвиците на современиот човек – хроничниот стрес, преоптовареноста со информации, емоционалниот товар, недостатокот на инспирација, притисокот од односите и чувството на губење на смислата. Како резултат на тоа, не искусуваме само физички замор, туку и ментална, емоционална, социјална, креативна, сензорна и духовна исцрпеност.
Според д-р Далтон-Смит, секој вид замор бара соодветен вид одмор. Затоа таа опишува седум видови одмор кои ни помагаат да ја обновиме енергијата, рамнотежата и виталноста и повторно да се чувствуваме целосни.
| Вид на замор | Вид на одмор што недостасува |
| Физички замор | Физички одмор |
| Ментален замор | Ментален одмор |
| Преоптовареност од бучава, екрани и информации | Сензорен одмор |
| Недостиг на инспирација и ентузијазам | Креативен одмор |
| Емоционална исцрпеност | Емоционален одмор |
| Исцрпеност од луѓе и односи | Социјален одмор |
| Чувство на празнина и губење смисла | Духовен одмор |
Токму тука се среќаваат современата психологија и холистичката медицина. И двете потсетуваат на нешто што одамна сме го заборавиле: човекот не е составен само од мускули и органи, туку и од мисли, чувства, односи, креативност и внатрешен живот. Кога еден од овие аспекти е преоптоварен, заморот може да остане присутен дури и кога телото формално одмара.
Седумте вида одмор – што навистина ни недостасува?
1. Физички одмор
Ова е видот на одмор што најлесно го препознаваме. Телото ни сигнализира преку чувство на тежина, болки во мускулите, намалена издржливост или постојана потреба за сон.
Физичкиот одмор може да биде пасивен – преку сон и мирување, но и активен – преку лесно истегнување, јога, масажа, прошетки во природа или техники за релаксација.
Во современиот начин на живот често се случува истовремено да бидеме физички неактивни, а сепак физички исцрпени поради недостиг на квалитетен сон, хроничен стрес и постојана напнатост на организмот.
2. Ментален одмор
Дали некогаш сте се чувствувале уморни веднаш по будењето? Или сте забележале дека умот продолжува да работи и кога телото мирува?
Менталниот замор е резултат на постојаното размислување, анализирање, планирање и решавање проблеми. Денес сме изложени на огромна количина информации, известувања, пораки и одлуки што треба да ги донесеме.
На ментално исцрпениот човек не му е потребно само повеќе сон. Понекогаш му е потребна тишина. Неколку минути без телефон, без разговори и без нови информации можат да бидат вистински лек за преоптоварениот ум.
3. Сензорен одмор
Екраните, светлата, сообраќајот, бучавата, рекламите и постојаните известувања создаваат непрекината стимулација на нашите сетила.
Иако често не сме свесни за тоа, мозокот постојано обработува огромен број надворешни дразби. Со текот на времето ова може да доведе до раздразливост, намалена концентрација и чувство на исцрпеност.
Сензорниот одмор може да биде едноставен: исклучен телефон, пригушено осветлување, неколку минути тишина или прошетка во природа без слушалки и дигитални уреди.
4. Креативен одмор
Креативноста не е резервирана само за уметниците. Секојдневно користиме креативност кога решаваме проблеми, донесуваме одлуки или бараме нови начини за справување со предизвиците.
Кога сме креативно исцрпени, светот почнува да изгледа сиво и еднолично. Тогаш ни е потребно повторно да се поврземе со убавината околу нас – природата, музиката, уметноста, книгите или едноставно мирното набљудување на околината.
Токму ваквите моменти често ја обновуваат инспирацијата и чувството на внатрешна свежина.
5. Емоционален одмор
Емоционалниот замор е еден од најчестите, но и најмалку препознаени облици на исцрпеност.
Се јавува кога долго време сме силни за другите, ги потиснуваме сопствените чувства или постојано се грижиме за туѓите потреби. Луѓето кои работат со пациенти, клиенти, ученици или членови на семејството особено добро го познаваат овој вид замор.
Емоционалниот одмор започнува тогаш кога си дозволуваме искреност – кон себе и кон другите. Кога не мораме секогаш да бидеме добро и кога можеме без страв да ги изразиме сопствените чувства.
6. Социјален одмор
Не сите односи нè хранат со енергија. Некои нè исполнуваат, а некои нè исцрпуваат.
Социјалниот одмор не значи осаменост. Тој подразбира препознавање на луѓето со кои се чувствуваме прифатени и безбедни, како и поставување граници кон односите што постојано ни ја одземаат енергијата.
Понекогаш најдобриот одмор е поминат во друштво на вистинските луѓе. А понекогаш е потребна и свесно избрана самотија.
7. Духовен одмор
Духовниот одмор се однесува на потребата човекот да почувствува смисла, поврзаност и припадност кон нешто поголемо од себе.
За некого тоа е молитва. За друг медитација, престој во природа, јога, тивко созерцание или време поминато во служба на другите.
Кога недостасува духовен одмор, животот може да изгледа како бескраен список на задачи. Кога е присутен, дури и секојдневните активности добиваат подлабоко значење.
Токму тука холистичкиот пристап природно се надоврзува на современите сознанија за одморот. Човекот не е само тело кое треба да се наспие. Тој е сложено суштество составено од физички, ментални, емоционални, социјални и духовни аспекти. Вистинското обновување започнува тогаш кога ќе научиме да го препознаеме видот на заморот што го носиме и ќе му го понудиме токму оној вид одмор што му е потребен.
Што ни кажува заморот? – холистички поглед кон исцрпеноста и виталната сила
Во современата медицина заморот најчесто се разгледува како симптом. Тој може да биде поврзан со недостаток на сон, стрес, преголем број обврски, хормонални промени, инфекции или различни здравствени состојби.
Но холистичкиот пристап нè поканува да погледнеме уште подлабоко.
Наместо само да прашаме: „Како да го отстраниме заморот?“, можеби треба да прашаме: „Што се обидува да ни каже?“
Телото има свој јазик. Болката, несоницата, раздразливоста, недостатокот на концентрација и исцрпеноста не се наши непријатели. Тие често се пораки дека некаде е нарушена рамнотежата помеѓу трошењето и обновувањето на нашите ресурси.
Заморот е еден од најискрените сигнали што ни ги испраќа организмот. Тој не бара секогаш лекување. Понекогаш бара слушање.
Кога телото зборува, а ние не слушаме
Во пракса често се среќаваат луѓе кои со години живеат во состојба на постојана исцрпеност. Тие продолжуваат да работат, да се грижат за семејството, да ги исполнуваат обврските и да функционираат на прв поглед сосема нормално.
Но организмот плаќа цена.
На почетокот се појавува потребата за повеќе кафе. Потоа доаѓаат проблемите со концентрацијата. Следува раздразливост, намалена мотивација, несоница или чувство дека дури и најмалите задачи бараат огромен напор.
Во еден момент телото почнува погласно да бара внимание.
Заморот тогаш не е знак на слабост. Тој е обид на организмот да нè заштити од понатамошно исцрпување.
Виталната сила – заборавената енергија на обновувањето
Во хомеопатијата и во многу традиционални медицински системи постои концептот на витална сила – внатрешен принцип што ја одржува рамнотежата и способноста на организмот за самообнова.
Без разлика дали ќе ја наречеме витална сила, животна енергија, прана, чи или едноставно природна способност за регулација, идејата е слична: човекот поседува вродена интелигенција која постојано се стреми кон рамнотежа.
Кога оваа рамнотежа е зачувана, организмот релативно лесно се справува со секојдневните предизвици. Но кога стресот, емоционалните оптоварувања, хроничната напнатост или животните околности стануваат преголеми, ресурсите за обновување почнуваат постепено да се намалуваат.
Тогаш заморот станува повеќе од обична потреба за сон.
Улогата на хомеопатијата во процесот на обновување
Хомеопатијата не го заменува одморот, правилната исхрана, движењето, психолошката поддршка или здравите животни навики. Напротив, таа ги препознава како неопходни столбови на здравјето. Но истовремено поставува едно интересно прашање: ако двајца луѓе живеат под сличен стрес и имаат слични животни навики, зошто едниот останува релативно стабилен, а другиот развива длабока исцрпеност?
Одговорот, според хомеопатскиот пристап, не лежи само во надворешните околности, туку и во начинот на кој секој организам реагира на нив.
Заморот не се смета само за недостаток на енергија. Тој е порака. Сигнал дека виталната сила – внатрешниот принцип кој ја одржува рамнотежата на организмот – троши повеќе ресурси отколку што успева да обнови.
Кога оваа состојба трае подолго време, телото и психата почнуваат да испраќаат сигнали. Кај некого тие се појавуваат како физичка исцрпеност. Кај друг како раздразливост, анксиозност или несоница. Кај трет како губење на мотивацијата, емоционална рамнодушност или чувство дека повеќе не може да се справува со секојдневните обврски.
Затоа во хомеопатската консултација не се поставува само прашањето: „Колку сте уморни?“
Многу поважно е да се разбере:
- Каков е вашиот замор?
- Кога првпат се појавил?
- Што му претходело?
- Како се менува во текот на денот?
- Што го подобрува или влошува?
- Како влијае врз вашите мисли и емоции?
- Како влијае врз вашите односи?
- Што се случувало во вашиот живот непосредно пред да започне?
Понекогаш коренот на исцрпеноста лежи во долгогодишна грижа за другите и занемарување на сопствените потреби.
Понекогаш во хроничен стрес што станал толку вообичаен што повеќе не го забележуваме.
Понекогаш во потиснати емоции, нерешени конфликти или долготрајна борба со животни околности кои ја надминуваат нашата способност за адаптација.
Од хомеопатска перспектива, секој симптом претставува обид на организмот да воспостави нова рамнотежа. Заморот не е непријател кој треба да се замолчи. Тој е гласник кој нè повикува да застанеме, да слушнеме и да разбереме што навистина ни недостасува.
Затоа хомеопатијата не го гледа човекот како носител на дијагноза или симптом, туку како единствена личност со сопствена животна приказна, сопствен начин на реагирање и сопствени потреби за обновување.
Кога успеваме да го препознаеме тој индивидуален образец, заморот престанува да биде само проблем што треба да се отстрани. Тој станува важен показател на патот кон подлабоко разбирање на сопственото здравје и враќање кон внатрешната рамнотежа.
Кратки примери од хомеопатијата:
Nux vomica – замор од постојано претерување
Ова е човекот кој живее во петта брзина.
Постојано брза, работи повеќе отколку што може да издржи, презема премногу обврски и тешко запира дури и кога организмот јасно бара одмор. Често се потпира на стимуланси – кафе, енергетски пијалаци или едноставно на силата на волјата.
Неговиот замор не доаѓа од недостиг на амбиција, туку од прекумерна потрошувачка на енергија. Телото бара пауза, а умот одбива да застане.
Ignatia – замор од грижи и внатрешно оптоварување
Кај овој тип исцрпеноста не доаѓа од премногу работа, туку од премногу чувства и премногу мисли.
Тоа е човекот кој долго размислува за кажаното и недокажаното, кој се грижи за другите, кој тивко носи разочарувања, загуби или емоционални товари. Однадвор може да изгледа сосема добро, но внатрешно троши огромна количина енергија.
Неговиот замор често е резултат на постојано психичко и емоционално процесирање.
Phosphorus – замор од пренадразнетост
Некои луѓе како да живеат без заштитен филтер меѓу себе и светот.
Тие длабоко ги доживуваат звуците, светлината, емоциите на другите луѓе, атмосферата во просторијата и случувањата околу себе. Лесно се воодушевуваат, но исто така лесно се исцрпуваат.
Кај нив заморот често произлегува од постојана сензорна и емоционална изложеност. Нервниот систем работи без престан, впивајќи многу повеќе информации отколку што може лесно да обработи.
Во контекст на седумте вида одмор, тие често имаат особена потреба од сензорен и креативен одмор.
Pulsatilla – замор од емоционална чувствителност
Ова е заморот на луѓето кои живеат преку срцето.
Тие лесно се поврзуваат со другите, силно реагираат на атмосферата во односите и длабоко ги доживуваат емоционалните настани. Кога се соочуваат со несогласувања, оддалечување или недостаток на поддршка, нивната енергија може постепено да се исцрпува.
Кај нив заморот не е само физички. Тој е поврзан со потребата за блискост, разбирање и чувство на припадност.
Често токму емоционалниот и социјалниот одмор се клучни за нивното чувство на обновување.
Повеќе од симптом
Овие примери не претставуваат дијагнози, туку различни човечки приказни за тоа како ја трошиме и обновуваме својата енергија.
Тие нè потсетуваат дека заморот не е секогаш ист и дека вистинското обновување започнува тогаш кога ќе го препознаеме сопствениот образец на исцрпеност и ќе одговориме на неговите вистински потреби.
Одмор како враќање кон себе
Можеби најголемата лекција што можеме да ја научиме од заморот е дека обновувањето не е луксуз.
Тоа е биолошка, психолошка и духовна потреба.
Во култура која постојано нè охрабрува да правиме повеќе, да постигнуваме повеќе и да бидеме достапни во секој момент, одморот понекогаш изгледа како губење време.
Но вистината е спротивна.
Одморот не е спротивност на продуктивноста.
Одморот е она што ја прави продуктивноста одржлива.
Кога му даваме простор на телото да закрепне, на умот да се смири, на емоциите да се обработат и на внатрешната енергија да се обнови, не само што се чувствуваме подобро – туку повторно воспоставуваме контакт со најважниот извор на сила што го поседуваме: самите себе.
Вистинскиот одмор започнува со препознавање
Одморот не е нешто што го заслужуваме само кога ќе завршиме сè од списокот со обврски. Тој е природна потреба на секое живо суштество.
Колку подобро ќе научиме да го препознаваме сопствениот замор, толку полесно ќе можеме да го избереме вистинскиот вид обновување.
Понекогаш тоа ќе биде сон.
Понекогаш разговор.
Понекогаш прошетка низ шума.
Понекогаш тишина.
А понекогаш едноставно дозвола да не правиме ништо.
Бидејќи вистинскиот одмор не е бегство од животот. Тој е начин повторно да му се вратиме – посмирени, појасни и повеќе присутни во него.
Со почит кон потребата од одмор и обновување,
Биљана Ѓуроска
Хомеопатија ГАИА

