Ахимса – Неповредување

Ахимса е една од петте јами – морално-етички правила за јогините. Може да се преведе како неповредување, разбирање и сочувство кон себе, другите и сè што се случува во животот. Не само на физичко ниво, туку и на ментално и емотивно ниво. Неповредување во мисла, збор, дело.

Како повредуваме во секојдневниот живот?

Прво мора да научиме, освестиме како нашите суптилни реакции и постапки содржат елементи на насилство. Ова често си го правиме и на самите нас. Кога нашите мисли имаат негативна содржина како разочарување, огорченост или вина, кога чувствуваме срам, суптилно создаваме насилство. Ако не можете да простите некому за нешто што ви сторил, или пак ако самите не можете да си простите за нешто што вие сте сториле е чин на насилство затоа што ја истиснува љубовта. Како мислиме, така делуваме. Себе-обвинувањето не нè прави подобри луѓе. Баш напротив, кога се обвинуваме, следното е чувството на огорченост. Како постапува огорчен човек? – Со насилство.

Контролата врз другите и тоа што ни се случува исто така повредува. Жртвувањето за другите, преземањето премногу одговорности и обврски на свој грб е повредување. Со ова очекуваме животот, светот и сите околу нас да функционираат така како што ние сме замислиле. Контролата во позадина го има стравот дека нешто нема да биде како што јас сакам.

Живеејќи несвесно постојано повредуваме на суптилен начин, но тоа е само одраз на војните кои се случуваат во самите нас. Човекот по природа е добар, не сака да биде лош. Кога ќе го најдеме сопствениот мир, се смируваат и односите со другите луѓе.

Како до ахимса?

Јогата е одличен начин за освојување на ахимса и нејзино применување во нашите секојдневни интеракции. Нашето тело е огромна архива на концепти и емоции и со вежбите и техниките ги освестуваме и го отвораме патот за нивна трансформација. Ослободувајќи ги негативните мисли и емоции создаваме мир во себе и светот околу нас.

Додека вежбате јога, додека се прилагодувате на вашето тело, кога наидувате на отпори следете како се формираат вашите мисли. Освестете дали мислите содржат насилство врз себе или другите. Освестете како реагирате на тоа што ви се случува. Дали се обвинувате или критикувате, дали се споредувате, дали ви се јавува завист…

Во секојдневието, освестувајте како реагирате на тоа што се случува околу вас, како реагирате на другите луѓе и какви уверувања имате за себе и другите.

Секој носи болка во себе, но може да ја надмине практикувајќи ахимса. Треба да научиме овие негативни чувства да ги доживуваме без да реагираме негативно на нив. Со прифаќање, со неутрализирање на тоа што се случува и со нивно ослободување. На тој начин се ослободуваме и себеси од сопственото насилство, ги ослободуваме и другите.

 

Leave a Comment